Франција: „Исламска држава“ ги проширува териториите во Либија
Францускиот министер за одбрана Жан-Ил ле Дриан изјавил за меѓународни медиуми дека групата „Исламска држава“ се шири кон внатрешноста на Либија од базата на брегот кај градот Сирт. Целта на „ИД“ е да се добие пристап до нафтените бунари.
„Тие се во Сирт, но нивната територија се прошири на 250 километри долж брегот и сега почнуваат да продираат кон внатрешноста, за да добијат пристап до нафтените бунари и резерви“, изјавил Ле Дриан за радиото „RTL“.
САД и коалицијата предводена од Италија на светските и регионалните сили ги повикаа фракциите во Либија да го положат оружјето и да ја поддржат новата влада на национално единство во рамките на планот за мир на ОН, кој се очекува да биде потпишан во среда.
Државниот секретар на САД, Џон Кери е помеѓу министрите и службените лица од 17 држави, кои заедно со ОН, ЕУ и Арапската лига повикуваат за итен прекин на огнот во цела Либија.
Тие ветија поддршка за напорите за ставање крај на хаосот кој ја проголта земјата од 2011 година, од кога беше соборен Моамер Гадафи, со цел намалување на ризикот од проширување на влијанието на „ИД“.
„Дојдовме денес, бидејќи не можеме да си дозволиме крвопролевањето да продолжи“, изјави Кери на крајот на преговорите со учество на 15 претставници од политичката класа во Либија. „Одбивме да стоиме и да гледаме како вакуумот се пополнува од терористи“.
Кери ги отфрли критиките дека предложената влада на национално единство била избрана однадвор во отсуство на консензус на терен и поради влошената безбедносна ситуација, која создава сомневања дали новата администрација ќе може да се одржи во главниот град Триполи.
Анархијата во Либија им даде можност и на шверцерите на луѓе да дејствуваат неказнето, со што во изминатите две години ја користат земјата за платформата од каде што побегнале стотици илјади мигранти кон брегот на Европа.
Европските влади сакаат овој пат да биде затворен, поради стравувањата дека хуманитарната криза во Либија може да го забрза протокот.
