Франција и Германија сакаат силна Европа во светот на неизвесности
Министрите за надворешни работи на Германија и Франција, Франк-Валтер Штајнмаер и Жан-Марк Еро создадоа документ насловен како „Силна Европа во свет на несигурност", во кој нудат заедничка европска политика за безбедност и миграција и зајакнување на економската кохезија, пренесоа агенциите повикувајќи Ројтерс.
Штајнмаер и Еро признаваат дека Европската унија е ставена на сериозен тест и велат дека заедницата доживува серија на кризи на југ и исток, а економскиот раст се опоравува полека.
„Треба да бидеме фокусирани на основните прашања и спроведување на конкретните очекувања на нашите граѓани"- велат тие во документот, чие создавање е започнато пред референдумот, на кој Британија гласаше за излегување од ЕУ.
Според нив важно е да се признае дека земјите членки имаат различни ставови за продлабочувањето на европската интеграција.
