Французите можат да останат без вода за пиење
Делови на Франција може да останат без вода за пиење во наредните недели.
Недостигот од врнежи и алармантната состојба на подземните води предизвикуваат стравувања од сè построги ограничувања за домаќинствата, па дури и прекин на снабдувањето и достава на вода за пиење со цистерни, јави дописникот на МИА.
„Просечно 9,7 милиметри наспроти 70 во другите години”: ова е слабата акумулација на врнежи што паднаа на територијата на Франција во текот на овој месец јули, според Сирил Душен, метеоролог во Каналот Метео. Ова е најсушниот месец досега забележан од 1959 година. Доволно за да се стави земјата во алармантна состојба со водата, додека месецот август едвај започна. „Запаѓаме во нешто сосема ново, во изминатите триесет години никогаш не сме имале таков дефицит на дожд”, вели со загриженост за Фигарот, хидрологот Ема Хазиза. Некои села на југот на Франција веќе се предмет на големи ограничувања на дневна основа, како на пример во Сејлан во Вар, каде што жителите се принудени да ја ограничат потрошувачката на вода на 150 или 200 литри дневно и по лице.
Со месец август „без врнежи најавено до 15-ти август, потоа неколку ретки грмотевици во планините пред нова сува епизода”, според Сирил Душен, случајот со Сеилан може да биде првиот од долгата листа. „Без брзо подобрување, треба да се стравува дека неколку општини ќе бидат принудени да носат вода со цистерни”, посочува Ема Хазиза. Историски гледано, островските области се најпогодени. Некои, како Бел Ил ан Мер, мораа да инсталираат скапи постројки за преработка на морска вода за да избегнат потреба од увоз на вода со брод.
Според хидрологот, денес најекспонирани се басенот на Лоара и Рона, како и регионот Гранд Ест. Ако е невозможно со сигурност да се предвиди еволуцијата на времето, таа проценува дека околу дваесет села би можеле да прибегнат кон цистерни во наредните недели. Бројка која постојано се зголемува од 2017 година. Доколку е потребно, воспоставувањето квоти за вода по жител е многу веројатно или дури и неизбежно за да се избегне намалувањето. На општинско ниво, само градоначалникот може да ги воведе овие ограничувања со декрет. Ако засегнатата површина е поголема, одлуката е на префектот.
И Холандија има проблеми со недостиг на вода. Земјата официјално прогласи недостиг на вода.
Владата вчера соопшти дека на национално ниво има недостиг на вода предизвикан од топлото и суво лето. Суша ова лето погоди повеќе европски земји.