Францускиот коњак и одолеа на кризата
Извозот на коњак од Франција количински опаднал за 4 отсто во 2013 година, кога биле извезени 161,4 милиони шишиња, но вредносно е зголемен за 0,2 отсто, на 2,4 милијарди евра.
Како што соопшти француското Национално здружение на производители на коњак, минатата година е веќе втора година по ред како коњакот е лидер во извозот на секторот вино и жестоки алкохолни пијалоци.
Овие резултати се уште позначајни ако се има предвид дека извозот на коњакот, во минатата година, кон Далечниот исток, опаднал во обем дури 9,8 отсто (56,5 милиони шишиња, а вредносно 3,8 отсто, на 1,113 милијарди евра, по растот од 50 отсто за претходните пет години, и 120 отсто во минатата деценија.
Главната причина за падот на продажбата во овој регион е помалата побарувачка од Кина, и покрај мерките кои владата ги презеде против корупцијата и митото.
Стапки на раст на извозот се забележани во САД, Канада и Мексико, каде е извезено 53,4 милиони шишиња (+2,1 отсто), со приходи од 650,9 милиони евра (+5,3 отсто).
Европскиот пазар бележи пад, како во обем (-5,3 отсто, 43 милиони шишиња), така и во вредност од 0,7 отсто на 491,7 милиони евра. Извозот на францускиот коњак забележа значителен раст кон африканскиот континент, од 26,7 отсто на 3,2 милиони шишиња, главно благодарение на новите потрошувачи како што се Нигерија и Јужна Африка.
А.А.
Слично
