Французите се жалат на превисоките даноци
Поголемиот број Французи, 79 отсто ја осудуваат фискалната политика на државата, покажува најновото истражување на Ипсос.
Анкетата покажува дека Французите мислат дека плаќаат превисоки даноци. Дури 79 отсто од анкетираните изјавиле дека даночниот систем е неправеден, додека 80 проценти сметат дека тој не е ефикасен за намалување на јавниот долг и буџетскиот дефицит.
Резултатите покажуваат и дека 70 отсто од граѓаните мислат дека актуелниот даночен систем не одговара на оној од предизборната кампања, а дури половина од нив се симпатизери на Социјалистичката партија. Повеќе од половина испитаници (55 отсто) ги осудуваат граѓаните кои избегнуваат да плаќаат данок. Но, 57 проценти сметаат дека плаќањето данок претставува граѓански чин посебно кога станува збор за данок на богатство, корпоративен данок, данок на приходи или такси на алкохол и цигари.
Анкетата покажува дека 72 проценти од испитаниците оцениле дека даноците премногу ја оптоваруваат средната класа, а дури 74 отсто од нив оценуваат дека тоа повеќе придонесува за одржување на системот а не во корист на народот.
Дури 78 проценти изјавиле дека даноците регуларно растат во последните 20 години, без оглед дали десницата или левицата е на власт, а 60 проценти од нив истакнале дека до најголемо зголемување на даноците дошло по изборот на Франсоа Оланд за претседател.
