Франција и Германија подготвуваат нов даночен план за интернет гигантските компании
Франција и Германија планираат да протуркаат нова идеја за оданочување на интернет гигантите во ЕУ, кои треба да плаќаат "фер придонес" во секоја земја каде што заработуваат пари, изјави францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер.
"Ќе претставиме нов план заедно со нашите германски партнери на следната средба на министрите за финансии во Талин во средината на септември", рече тој, додавајќи дека мерката ќе влијае na технолошки компании како Google, Apple, Facebook и Amazon.
"Предлагаме приходите на овие големи фирми да се прифатат како појдовна точка за да се утврди ниво на данок, па овие компании да плаќаат таму каде прават пари", рече министерот. Тој потсети дека слични предлози веќе се направени на ниво на ЕУ, како и пред Организацијата за економски развој и соработка, но без успех.
Интернет компаниите влегоа во контроверзии со Европската унија поради обвинувања дека користат сложени фискални маневри за да go декларираат својот профит во земјите со најниски даночни стапки, дури и кога тие се заработени на друго место во блокот.
Коментарите на Ле Мер доаѓаат откако неодамна Google избегна плаќање на даноци во висина од 1,155 милијарди евра, побарани од француската каса, откако судот најави дека ирскaтa подружница на американската компанија не е даночен oбврзник во Франција.
Францускиот претседател Емануел Макрон вети дека ќе се справи со даночно затајување од американските интернет гиганти за време на предизборната кампања.
