(ФОТО+ВИДЕО) Во стампедо загинаа шест луѓе, а стотина се повредени
Во стампедо во клуб во Италија загинаа најмалку шест лица.
Загинаа пет малолетници и една жена, а повредени се над 100 лица, меѓу кои 12 се во тешка здравствена состојба.
Италијанската пожарникарска служба на Твитер објави дека причината за паника веројатно е прскање на средство за иритација.
Трагедијата се случи во 1 часот по локално време, во ноќниот клуб „Лантерна аѕура“ во гратчето Кориналдо. Околу 1.000 луѓе, повеќето од нив млади, биле во клубот поради настапот на италијанскиот рапер Сфера Ебаста. Починаа три девојчиња, две момчиња и една возрасна жена, која одлучила да ја придружува нејзината ќерка на концертот на популарниот млад изведувач, наречен „крал на рапот”. Според очевидци, толпата се упатила кон низок ѕид, од каде десетици млади луѓе паднале. Оние најдолу биле смачкани.


„Танцувавме пред почетокот на концертот, кога почувствувавме остар мирис“– изјави за медиумите 16-годишен тинејџер во болница во Анкона.
Повредените веднаш се одведени во најблиската болница во градот Сенигалија, од каде најтешките случаи се испратени во болницата во Анкона.
Осум лица се уапсени денеска поради сомневање дека прскале со гас-солзавец. Според истрагата, нивната цел била да ги украдат вредните работи од присутните во клубот. Истрагата испитува и дали излезот за итни случаи бил отклучен.
