ФОТО: Силна експлозија го потресе Њујорк, 29 повредени
Силна експлозија синоќа одекна во њујоршкиот реон Менхетн во квартот Челзи, при што 29 луѓе се повредени, пренесоа агенциите.
На друга локација, во истиот дел на Њујорк е пронајдено нешто што личи на експрес лонец, кој со жици е поврзан со мал темен уред, јави „Си-Ен-Ен“.

Полицијата ги проверува видеата од местото на првата експлозија на кои изгледа е прикажано лице кое остава нешто зад себе, поради што полицијата дошла до заклучок дека експлозивот бил оставен со намера.

Градоначалникот на Њујорк, Бил де Блазио изјави дека според првите индикации станува збор за намерно предизвикување на експлозија.
„Ние не гледаме поврзаност со тероризам“ - вели Де Блазио.

Очевидци изјавија дека ФБИ и претставници на Министерството за внатрешни работи на САД исто така се на местото на настанот.

Во регионот има голем број на автомобили на службите за итна помош.
Населението во овој дел е евакуирано.

