(ФОТО) Папата Франциско слета – Прва негова посета на Мексико
Папата Франциско ја започна првата посета на Мексико со долга турнеја во папамобил минувајќи покрај воодушевени толпи, пренесе АП.
Радосни извици се слушнаа кога папамобилот на Франциско ја напушти резиденцијата каде престојува. Папата постојано се поздравуваше со возрасни, болни и хендикепирани лица, кои се собраа . Тој им раздаде молитвени бројаници на луѓе во инвалидски колички и прегрна мало момче со хируршка маска на лицето.
Уште десетици илјади се собраа по патот по кој мина конвојот кон центарот на главниот град Мексико.
После Франциско се сретна во Националната палата со мексикански официјални лица и амбасадори. Тој ги повика мексиканските политички водачи да им обезбедат правда и безбедност на Мексиканците, пренесоа АФП и АП.
Папата одржа говор во претседателската палата пред претседателот Енрике Пенја Нието и уште 1.200 политички лидери и претставници на граѓанското општество. Тој ги повика „раководителите на јавниот, културниот и политичкиот живот да им обезбедат на сите граѓани вистинска праведност, ефективна заштита, здрава средина и мир“.
Се очекува уште папата да зборува пред епископи во катедралниот храм „Успение Богородично“ и да ги повика да бидат поблиску до верниците да ги преведуваат низ тешки моменти. Денот на папата ќе заврши со литургија во базиликата „Дева Марија од Гуадалупе“ и со тивка молитва пред иконата.


