„Фонтера“ се извини на Кина за извозот на контаминираните производи
Новозеландската компанија „Фонтера“ и упати „длабоко извинување“ на Кина откако во млечните производи кои ги извезла на нејзиниот пазар е пронајдена опасна бактерија која предизвикува ботулизам.
„Длабоко им се извинуваме на луѓето кои беа засегнати со ова, сакаме да ви гарантираме дека безбедноста на храната и здравјето на луѓето од Република Кина но и во светот, е наш најголем интерес. Навистина жалиме за болката и непријатноста предизвикани од овој проблем. Целосно разбираме дека постои загриженост на родителите и другите потрошувачи во светот“ изјави Teo Спиерингс, директор на ,,Фонтера“.
Компанијата вчера соопшти дека ги повлекува илјади тони од своите млечни прозводи поради присуството на бактеријата. Ботулизам е ретка болест која предизвикува парализа на мускулите. Освен Kина, во меѓувреме и Pусија го стопираше увозот на млеко во прав од ,,Фонтера“.
„Се соочуваме со затворање на некои пазари. Русија на пример, изгледа вовела привремена забрана на сите млечни производи од Нов Зеланд“, изјави Скот Галакер од Министерство за примарна индустрија на Нов Зеланд.
Кинеските власти го суспендираа увозот на сурутка од ,,Фонтера“ и млеко во прав и на границата ја засилија инспекцијата и надгледувањето на млечните производи од Нов Зеланд.
