Фондација Слободна Бурјатија: Живееме во сиромаштија, мобилизацијата помина како торнадо, а од Украина ни се враќаат ковчези
Фондацијата Слободна Буртија ги повикува граѓаните на оваа република која е во состав на Руската Федерација да не одат во војната во Украина и алармираат дека бројот на загинати е голем.
Тие укажуваат дека секој 19-ти руски војник кој загинал во Украина е токму од нивната република. Во нивните објави стои дека Бурјатите треба да бидат свесни дека еден ден ќе има одговорност за нападите во Украина. Од Фондацијата Слободна Бурјатија за Фактор велат дека живеат во сиромаштија, а нивните граѓани немаат многу избор и се принудени да војуваат за туѓи интереси. Ана Зуева, потпретседателка на Фондацијата вели дека бројот на загинати Бурјати во однос на Русите е непропорционален.

„Некој ќе рече: во апсолутна смисла, загубите на Русите се поголеми. Да така е. Сепак, неопходно е да се земат предвид не само апсолутни, туку и релативни показатели. Повеќе Бурјати умираат на 10.000 луѓе отколку Руси. Во Русија има 110 милиони Руси и 461 илјади Бурјати. Затоа, секој што загинал во оваа војна е голема загуба за бурјатскиот народ, за нивниот генетски фонд. Во руската армија има околу 0,7 отсто од етничките Бурјати. Сепак, процентуално, уделот на Бурјатите во армијата е 1,5-3 пати поголем во однос на нивниот број во Руската Федерација. Ова се должи на империјалната природа на руската држава. Таа намерно распоредува воени единици во пограничните области (републиката се граничи со Монголија) со цел да ја зачува и заштити својата територија. Во Бурјатија има многу воени единици и, се разбира, во нив служат етнички Бурјати, кои потоа завршуваат во војна и таму умираат. Важно е да се напомене дека војската во пограничните области е пообучена и опремена, па затоа тие беа првите кои беа испратени во војната во Украина. Професионалните војници од Бурјатија беа фрлени во првите редови, па веќе во март воените ветерани беа редовно погребувани во Бурјатија. Уделот на Бурјатите меѓу загинатите е околу четирипати поголем од нивниот удел во вкупното население на Русија. Стапките на смртност на 100 илјади мажи на работоспособна возраст (од 16 до 61,5 години) во Бурјатија и Тива се околу 240 луѓе. Маж од Бурјатија има околу 75 пати поголеми шанси да умре во Украина отколку Русин. Од 1 јуни 2023 година, 803 луѓе кои биле родени, живееле или работеле во Бурјатија загинале во војната со Украина. Од нив, 234 се етнички Бурјати“, вели Зуева.
Таа нагласува дека републиката е многу сиромашна, луѓето сакаат да заработат, иако тоа може да ги чини живот. Објаснува дека во прашање е и менталитетот, па така мнозинството прифаќаат да војуваат, тоа влијае и на оние кои се колебаат да заминат во Украина.
„Мажите ја зграпчуваат секоја можност да заработат пари, и покрај фактот што оваа можност може да биде деструктивна и опасна. За многумина, склучувањето договор со Министерството за одбрана и, соодветно, воената кариера е единствениот социјален излез. Доведувањето на националните региони до сиромаштија е повторно целосно свесна империјална политика на властите. Метрополата ги гледа како поголема опасност, бидејќи разбира дека републиките можат да бараат поголема автономија, па ги држат во зависна положба. Што се однесува до мобилизацијата, таа помина низ републиката како торнадо, некои села беа буквално испразнети. Ја напуштив Бурјатија дури во март 2023 година, па знам како се одвиваше мобилизацијата“, вели таа.
Додава дека се мобилизирани и Руси и Бурјати, но и тука се јавува диспропорција.
„Во Бурјатија живеат помалку од 1 милион луѓе, а мобилизирани се 10 илјади мажи - Руси, Бурјати и претставници на други народи. Сепак, 290.000 Бурјати живеат во Бурјатија, така што испраќањето, да речеме, на 3-4.000 Бурјати во војна минатата есен е колосална сума за нашиот народ. Вреди да се додаде дека регрутирањето на Бурјатите за војната е олеснето од патријархалната природа на бурјатскиот живот. Многу Бурјати живеат на село, во тесно поврзани заедници, каде што е важно да се задржи „лицето“ пред своите соселани и роднини. Вредностите на колективната заедница преовладуваат над индивидуализмот. На пример, просечен Русин од Курган - исто така многу сиромашен регион на Руската Федерација - може да каже: мојот живот е најважен, ќе заминам по најавата за мобилизација во Казахстан. Просечниот Бурјат од село Селендума ќе рече: како да одбијам да одам во војна ако моите соседи веќе војуваат, дали сум кукавица? Овој фактор доведува и до диспропорција на смртноста, што ја споменав претходно. Сепак, не треба да се мисли дека Бурјатите по својата природа имаат тенденција да живеат во такви заедници. Факт е дека постои „стаклен таван“ за неруските народи. Бурјатите се пред избор: да останат во своето родно место и да се чувствуваат повеќе или помалку удобно, но да живеат во сиромаштија или да одат во Москва на работа и веројатно да се соочат со расизам“, додава Зуева.
Од Фондацијата прашуваат зошто Русија троши милијарди за војната во Украина, но истовремено смета дека гасификацијата на Бурјатија е скапа и за ова прашање на 8-ми мај испратиле барање до владата во Бурјатија. Одговорот кој го добиле укажува дека уште долго нема да користат гас. Зуева вели дека голем дел Бурјати употребуваат огревно дрво, а со тоа го загадуваат воздухот. Според податоците на Ростстат на кои се повикуваат, 43 отсто од Бурјатите треба да купат огревно дрво за да се загреат. Тие не се задоволни ниту од јазичните права кои ги имаат и укажуваат дека многу Бурјати не го знаат својот мајчин јазик. Русија ја почна инвазијата на Украина на 24 февруари лани, а викендов имаше превирања во Русија и обид за државен удар, откако водачот на групата Вагнер, Евгениј Пригожин тргна кон Москва по несогласувања со руското Министерство за одбрана. Сепак, по неколку часа во текот на денот, тој постигна компромис со руските власти.
Сања Атанасовска