Фон дер Лајен: ЕУ сака да го зголеми производството на муниција и за Украина и за себе
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека ЕУ може да биде партнер со воената индустрија за зголемување на производството на муниција за Украина и за враќање на сопствените резерви.
Таа го спореди овој план со оној што го направи Унијата за време на пандемијата кога беше неопходно да се произведе огромна количина вакцини против коронавирусот.
- Би можеле да размислуваме за огромни зделки кои ќе им овозможат на одбранбените компании да инвестираат во производствени линии за да го забрзаат производството и да ги зголемат количините што можат да ги испорачаат, рече Фон дер Лејен на безбедносната конференција во Минхен.
Таа нагласи дека Унијата не може да чека месеци и години за да ги врати своите воени резерви или да испрати гранати од голем калибар во Украина.
„Сега е време да се зголеми производството на она што и е потребно на Украина, како што е стандардизираната муниција“, рече фон дер Лајен.
Испораката на голема количина муниција во Украина предизвика загриженост кај некои членки на ЕУ дека може да останат без залихи. Собрани во главниот град на Баварија, западните лидери вчера најавија интензивирање на воената помош за Украина, вклучувајќи муниција и оружје, особено тенкови.
