Филе во Киев, Јанукович најави само реконструкција на Владата
Украинскиот претседател Виктор Јанукович најавил реконструкција на Владата и амнестија за сите уапсени во протестите како гест за смирување на ситуацијата во земјата.
На состанок со религиозните лидери денеска, Јанукович се обврзал измените во владиниот Кабинет да поминат на вонредното заседание на украинскиот Парламент в четврток.
Сепак, ваквиот чекор е далеку од барањата на демонстрантите кои бараат целосна оставка на Владата, скори претседателски избори и поништување на законите за забрана на протести.
Опозиционерите се далеку од задоволни и денеска го проширија својот камп на плоштадот во Киев, а ја освоија и зградата на украинското Министерство за земјоделство.
Незадоволството се разгорува уште повеќе по информациите дека од синоќа за исчезнат се води уште еден истакнат активист на украинската опозиција. 35-годишниот Дмитро Булатов бил член и портпарол на групата Автомајдан, шоферите кои со автомобили го изразуваат својот револт против Јанукович.
Пред два дена, уште еден демонстрант исчезна, а потоа беше пронајден мртов во шумата во близина на Киев.
Во главниот град на Украина денеска е и еврокомесарот за проширување Штефан Филе, кој се среќава со Јанукович. Освен најавата за средбата, повеќе детали нема, но извесно е дека Филе го подготвува теренот за посетата на шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон следната недела.
Поголема вклученост на меѓународната заедница во решавање на ситуацијата во Украина побара и опозицискиот лидер, поранешниот боксерски шампион Виталиј Кличко.
„Меѓународните посредници мора да бидат вклучени во секоја дискусија за кризата во Украина. Јанукович реши да објави војна на сопствениот народ, наместо да ги сопре конфронтациите и да пристапи разумно кон решение на ситуацијата. Тој се обидува да си ја задржи моќта по цена на крв и дестабилизација на земјата. Тој мора да биде запрен“, рече Кличко.
Украинското Министерство за внатрешни работи денеска се извини за однесувањето на полицајците кои беа снимени како малтретираат демонстрант, принудувајќи го да се соблече гол на снегот и студот. Но, ваков потег не прифати украинскиот премиер Микола Азаров, кој во интервју за Си-Ен-Ен денеска остана цврсто на ставот дека полицајците дејствувале согласно законот и нивните овластувања.
Слично
