Филе: Слободата на медиумите е во фокусот на преговорите за членство во ЕУ!
На конференцијата за слобода на медиумите на Балканот, Еврокомесарот Филе изјави дека резултатите во слободата на медиумите е во фокус на преговорите за членство во ЕУ, заедно со владеењето на правото и основните слободи.
Зборувајќи на собирот за слобода на изразувањето и на медиумите „Speakup2“ во Брисел, на која се собрани претставници на медиумите, невладините организации и на властите од регионот, еврокомесарот Штефан Филе денеска укажа дека меѓу учесниците има новинари кои биле жртви на насилство и порача дека мора да бидат казнети сторителите на тие дела.
„Властите мора да ги зајакнат напорите да се истражат новите и поранешните случаи на насилство врз новинарите“, истакна Филе.
Еврокомесарот Филе, освен тоа, предупреди дека „и натаму постои опасност државната власт да се користи против слободата на изразување, што тешко ги погодува новинарите, особено оние со мали средства“.
Исто така Филе забележа и дека во поголемиот дел од земјите кои сакаат да станат членки на ЕУ медиумските пазари не дејствуваат како што треба, а како што треба не работат ниту регулаторните тела за обезбедување чесна пазарна конкуренција, што остава простор за политичко мешање во работата на новинарите“.
Јавните радиодифузери, според Филе, „мора да бидат политички и финансиски независни“. Европскиот комесар од новинарите и медиумите побара да ги почитуваат многу повеќе професионалните и етички стандарди.
Конференцијата продолжува во текот на денот со настапи на говорници од сите земји од Западен Балкан и од Турција, по што вечерта се очекува да биде усвоен заклучок, кој ќе го претстави комесарот Штефан Филе.
