Фатално спасување на момчињата и тренерот заглавени во пештерата во Тајланд
Тајландски спасувач загина синоќа во текот на операцијата за спасување на 12 деца и нивниот тренер кои веќе 13 дена се заробени во пештера во Тајланд со што се потврди предупредувањето на најискусните нуркачи ширум светот дека оваа акција може да биде фатална дури и за најподготвените.
Поранешниот припадник на воената елитна тајландска единица СЕАЛ, Саман Кунан (38) кој бил дел од спасувачкиот тим во пештерата Там Луанг, не дочекал жив да излезе од под водата вчера вечерта откако влегол во пештерата за да однесе резерви на кислород.
„Условите во пештерата се многу тешки. Откако го оставил резервоарот со кислород, на враќање изгубил свест. Неговиот колега се обидел да му даде прва помош, но не успеал да го спаси“, рекол командирот на СЕАЛ, Апакорн Јуконгкаев.
И покрај смртта на нуркачот, спасувачите нема да се откажат и ќе продолжат со операцијата во исто темпо.
„Нема да дозволиме неговата жртва да биде залудна. Ќе продолжиме понатаму“, рекол Апакорн.
