Економија, финансии, бизнис

Контакт

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Во светот има реакции за нападот на САД врз Венецуела, Трамп откри кои се плановите

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Во светот има реакции за нападот на САД врз Венецуела, Трамп откри кои се плановите

ЗЕМЈИТЕ РЕГИРААТ ЗА НАПАДОТ НА САД ВРЗ ВЕНЕЦУЕЛА

Кина бара САД веднаш да го ослободат венецуелскиот претседател Николас Мадуро, да ја решат ситуацијата преку дијалог, а не преку сила. 

Во официјално соопштение објавено на веб-страницата на министерството, Пекинг изрази „сериозна загриженост“ поради акцијата на американските сили кои насилно ги приведоа претседателот Мадуро и неговата сопруга на 3 јануари и ги однесоа во САД.

Портпаролот на кинеското министерство рече дека чинот претставува јасно кршење на меѓународното право, основните норми на меѓународните односи и целите и принципите на Повелбата на Обединетите нации.

Пратеникот на Државната дума од Кримската област и член на Комитетот за безбедност, Михаил Шеремет, изјави дека американската операција за заробување на венецуелскиот претседател Николас Мадуро е само параван, додека главната цел е преземање контрола врз нафтените резерви на земјата.

Чилеанскиот претседател Габриел Борич остро го осуди нападот на САД врз Венецуела и најавата за преземање директна контрола над територијата на таа јужноамериканска земја.

Шпанија, Чиле, Колумбија, Бразил, Мексико и Уругвај, изразија загриженост за регионалната стабилност по американските воздушни напади и заробувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, и нивното пренсување во во САД., каде што ќе се соочат со правдата по обвинение за наркотероризам.

МИЦКОСКИ И МИЛОШОСКИ ДАДОА СВОЈ СТАВ ЗА АКЦИЈАТА НА САД ВО ВЕНЕЦУЕЛА

Стоиме зад потезите и аргументите на нашиот стратешки партнер, САД, а меѓународното право се кршеше и на грбот на македонските граѓани, вели премиерот Христијан Мицкоски, за случувањата во Венецуела.

„Она што мене најмногу ме загрижува е громогласната тишина од истите тие европски и светски земји. Се случуваше во минатото кога меѓународното право се кршеше на грбот на македонските граѓани, и како тогаш сите тие оглувеа и никој од нив не го коментираше сето тоа. Како сега наеднаш сите тие коментираат дали било тоа меѓународно право или не било. Имајќи предвид дека познавам голем дел од тие што коментираат, а не се меѓународно-правни експерти“, рече премиерот.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски на Фејсбук ја објасни позицијата на Македонија во однос на тоа што САД вчера го уапси венецуелскиот претседател Николас Мадуро. 

„Кога Македонија ја доби пресудата пред МСП во Хаг 2011г. пола од европските лидери кои денес држат лекции за почитување на меѓународното право, тогаш молчеа и се правеа како за нашата држава да не важи меѓународната судска норма на највисокиот Суд на Обединетите Нации. Пресудата дека малата Македонија во 2008, спротивно на меѓународното право, била попречена да добие покана за членство во НАТО, ја сметаа за небитна, а уште помалку за обврска која секоја држава членка на О.Н. треба да ја почитува. Штом молчеа тогаш, нека си молчат и денес, бидејќи токму тие 5-6 европски држави со молчењето веќе го направија преседанот во однос на селективната (не)примена на меѓународните облигации за членките на ОН.

САД НАГОВЕСТИЈА КАКВИ ПЛАНОВИ ИМААТ ВО ОДНОС НА НАФТАТА ВО ВЕНЕЦУЕЛА

Американскиот државен секретар Марко Рубио вели дека Вашингтон очекува политички промени во Венецуела и инсистира на строга примена на нафтените санкции.

Рубио изјави дека Соединетите Американски Држави(САД) немаат потреба од венецуелска нафта и дека Вашингтон нема да дозволи нафтената индустрија на таа земја да биде под контрола на држави кои ги смета за свои противници. Тој ја смирува ситуацијата и вели дека тие не се во војна со Венецуела.

Американски трупи нема да бидат стационирани во Венецуела сè додека потпретседателката на таа земја, Делси Родригез, соработува, изјави претседателот на САД, Доналд Трамп. 

Рече дека Вашингтон не планира воени дејствија против Куба, бидејќи таа, како што рече, „ќе падне сама од себе“.

Планот на американскиот претседател Доналд Трамп САД да ја преземат контролата врз венецуелската нафтена индустрија и да ги повикаат американските компании да учествуваат во нејзина обнова по апсењето на претседателот Николас Мадуро, најверојатно нема да има значително и непосредно влијание врз светските цени на нафтата, оценуваат аналитичари за Associated Press (AP).

Венецуелската нафтена индустрија е во исклучително лоша состојба поради долгогодишно запоставување, корупција и меѓународни санкции. 

Слично

Поврзани вести