ФАЈЗЕР БАРА ОДОБРУВАЊЕ ОД ФДА: Сака да ги вакцинира и тинејџерите над 12 години во САД
Фармацевтската компанија „Фајзер“ и нејзиниот германски партнер Бионтек вчера објавија дека побарале од американската Администрација за храна и лекови да ја прошират употребата на нивната вакцина „ковид-19“ на адолесценти на возраст од 12 до 15 години по итна постапка.
Вакцината во моментов е одобрена во САД за лица постари од 16 години, а како што објавија компаниите, тие побарале продолжување на овластувањето од Американската администрација за храна и лекови за да се вклучи и помлада возрасна група, пренесува Ројтерс.
Минатиот месец компаниите објавија дека со клиничко испитување е утврдено дека вакцината е безбедна, ефикасна и дава силни одговори на антитела кај деца на возраст од 12 до 15 години.
Засега е нејасно колку време ќе му треба на регулаторот за да ги прегледа податоците за тестот, иако директорката на американскиот центар за контрола на болести, Рошел Валенски, за ABC News во четвртокот изјави дека очекува вакцината да биде одобрена за деца на возраст од 12 до 15 до средината на мај.
