Еврозоната меѓу најкризните проблеми во вториот мандат на Обама
Новоформиран американски аналитички центар, што обединува експерти од двете најголеми партии во САД, вчера во Вашингтон ги постави приоритетите на американската политика за вториот мандат на претседателот Барак Обама, меѓу кои како една од кризните ситуации е наведена потребата да се стабилизира евро-зоната.
„Доколку пазарите во евро-зоната се дестабилизираат, и САД и Европа ќе претрпат сериозни финансиски и економски последици. Единствено членките на ЕУ, а особено на евро-зоната, можат да ги обезбедат потребните ресурси за стабилноста на пазарите и на банкарските системи во Европа. Но, САД можат да одиграат клучна улога во охрабрување на Европа да преземе решавачки чекори да се надмине кризата“, пишува во извештајот на Проектот за обединета и силна Америка, во кој кризата во Европа е наведена меѓу најсериозните закани како што се нарушувањето на односите со Пакистан, војната во Сирија и во Авганистан, иранската и севернокорејската нуклеарна криза и заканата од Ал Каеда.Џејмс Голдгајер, член на Советот за национална безбедност во мандатот на претседателот Бил Клинтон, оцени дека во вториот мандат на Обама може да се очекува да има голем дипломатски потенцијал на располагање, ослободен со повлекувањето од Ирак и најавеното повлекување од Авганистан.
-Оваа администрација е подготвена голем дел од своето време да го потроши на Блискиот Исток. Движењата во блискоисточните држави по Арапската пролет не одат во насока на американските национални интереси. Но, можни се непредвидливи настани, и Клинтон и Буш планираа во надворешната политика да се насочат на градење на односите со Азија, но на првиот му се случи Балканот, а на вториот 11 септември, оцени Голдгајер.
Курт Волкер, поранешниот американски амбасадор во НАТО и директор на фондацијата на републиканскиот сенатор Џон Мекејн, оцени дека една од целите на американската политика треба да биде ширење на демократијата и американските вредности во светот.
-Подобро е, место за американски вредности, да зборуваме за универзални светски вредности, бидејќи сите народи во светот ги делат истите желби. Понекогаш не обвинуваат за дволичност, бидејќи во некои случаи нашата политика се води од националните интереси, а не од целта да се шират универзалните вредности. Ова може да се прави само на краток рок, а долгорочно, мораме да бидеме посветени на ширењето на нашите вредности низ светот, оцени Волкер
