Евростат: Европејците се помалку веруваат во Унијата
Рекорден пад на довербата на Европејците во институциите на ЕУ , покажа студијата на Евробарометар. Според резултатите од истражувањето, најкритични спрема ЕУ се жителите на кризните земји, пред се Шпанците. 72 отсто од нив немаат доверба во ЕУ, што значи дека во Шпанија живеат повеќе европесимисти отколку во Велика Британија, која размислува за можноста за напуштање на Унијата. Во Британија, речиси 69 отсто од граѓаните не и веруваат на европската заедница.
Слични тенденции има и во Германија и Франција, две традиционално проевропски ориентирани држави. 59% од Германците и 56% Французи повеќе немаат доверба во ЕУ.
Анкетата на Евробарометар е спроведена во шест најголеми држави во ЕУ: Германија, Велика Британија, Шпанија, Франција, Италија и Полска, во кои живеат 350 до 500 милиони граѓани на ЕУ.
Главните причини на ваквото расположение, аналитичарите го гледаат во масовната невработеност, недостигот на перспектива за младите луѓе и намалувањето на социјалните давачки во ЕУ.
