Европските лидери ја зајакнуваат борбата против затајувањето на данок
Лидерите на Европската унија, кои се обидуваат да постигнат консензус околу начинот за надминување на должничката криза и заживување на стопанскиот раст, на овонеделниот самит ќе се фокусираат на борбата против затајување на данок и на енергетската политика во регионот.
Лидерите на 27-члениот блок ќе се состанат во Брисел на 22 мај, со цел да изработат план за меѓусебна размена на даночни податоци, откако европските министри за финансии минатата недела не успеале да постигнат договор по тоа прашање.
На дневен ред на самитот ќе се најдат и трошоците и инвестициите во енергегетскиот сектор.
- Во моменталниот економски контекст, мораме да ја поддржиме конкурентноста, отварањето на нови работни места и стопанскиот раст, наведоа министрите по состанокот одржан на 17 мај.
На овонеделниот состанок ќе се расправа за борбата против затајувањето на данок, откако министрите за финансии на Луксембург и на Австрија ги блокираа минатата недела напорите за постигнување спогодба за реазмена на податоци, која би требало да ги постави стандардите за собирање податоци за приходите, кои граѓаните ги заработуваат во странство.
Лидерите ќе се осврнат и на обезбедување на поволна и одржлива енергија и нејзиното влијание врз економијата на Унијата.
