Европските авиокомпании ги прекинаа летовите до Тел Авив по ракетниот напад од Јемен
Неколку големи меѓународни авиокомпании, вклучувајќи ги „Луфтханза“, „Ер Франс“, „Делта ер лајнс“ и „Виз ер“, ги прекинаа своите летови до Тел Авив откако балистичка ракета истрелана од Јемен го погоди аеродромскиот комплекс „Бен Гурион“. Инцидентот се случи денеска и поради тоа привремено е затворен главниот меѓународен аеродром во Израел.
Групацијата „Луфтханза“, која ги вклучува „Свис“, „Аустриан ерлајнс“ и „Бруселс ерлајнс“, ги суспендираше сите летови до и од Тел Авив најмалку до 6 мај. Патниците ќе бидат информирани и пренасочени кон алтернативни летови, според достапноста.
„Виз Ер“ потврди дека неговите летови до Израел ќе бидат суспендирани до вторник, истакнувајќи дека ситуацијата внимателно се следи. „Ер Франс“ и шпанската „Ер Европа“ исто така ги откажаа своите неделни летови, додека „Американ Делта“ откажа попладневен лет од Њујорк, но без дополнителни коментари за идните операции.
Според израелски извори, аеродромот „Бен Гурион“ бил затворен околу еден час по ударот на ракетата, во кој биле повредени шест лица. Израелската армија не успеа да ја пресретне ракетата, која сепак предизвика мала штета, а операциите наскоро продолжија.
И покрај инцидентот, неколку странски авиокомпании - вклучувајќи ги „Етиопијан ерлајнс“, „флајДубаи“, „Блу Берд ервејс“ и „Егејн ерлајнс“ - продолжија да летаат до и од Тел Авив без промени во распоредот на летовите, според Израелската аеродромска управа.
Иако странските компании претходно се повлекоа и се вратија на аеродромот во Тел Авив во зависност од безбедносната ситуација, најновиот напад претставува нов безбедносен предизвик. Од средината на март, кога израелската војска ги продолжи операциите против Хамас во Газа, движењето Хути во Јемен испука повеќе од 25 ракети кон Израел, од кои само дел беа успешно пресретнати.
Интересно е што и покрај нападот, акциите на израелските авиокомпании „Ел Ал“ и „Израир“ пораснаа на берзата. „Ел Ал“ забележа раст од речиси 40% од почетокот на годината, благодарение на континуираното одржување на линиите за време на конфликтот, додека вредноста на акциите на „Израир“ се зголеми за 3,8%.
Во наредните денови се очекуваат дополнителни откажувања и доцнења во воздушниот сообраќај до и од аеродромот во главниот град на Израел, па затоа на патниците им се препорачува редовно да ги следат своите авиокомпании за известувања.
