Европските акционери на „Volkswagen“ размислуваат како да ја тужат компанијата
Европските акционери на „Volkswagen“ размислуваат дали да поднесат тужби против германскиот производител на автомобили, кој призна дека лажел за штетните гасови на дизел моторите кои се продаваат во САД. Скандалот веќе и нанесе штета околу 25 милијарди евра од пазарната вредност на компанијата.
Инвеститорите, како и сопствениците на автомобили, кои ги купиле врз основа на лажни информации за штетните емисии, испитуваат дали можат да покренат постапки за нанесените штети против „Volkswagen“.
„Ако со одреден степен на сигурност можеме да утврдиме дека ние, како инвеститори, сме биле заведени од страна на компанијата, како и дека тоа влијаело на нашите профити, не е исклучено да побараме надоместок од компанијата“, изјавил еден од најголемите европски инвеститори во „Volkswagen“ за „Ројтерс“, кој побарал анонимност поради деликатноста.
„Volkswagen“, која има инсталирано софтвер во милиони автомобили со цел да се манипулира со резултатите на тестовите за штетни гасови кои предизвикуваат респираторни заболувања и глобално загадување, се соочува со кривични и регулаторни истраги, голема парична казна во САД и јавно незадоволство. Главниот извршен директор поднесе оставка во средата, а компанијата загуби околу една третина од вредноста од минатата недела наваму.
Британската „Stewarts Law“, која победи со колективна тужба против германската „Commerzbank“ во 2012 година поради неплатените бонуси на банкарите е помеѓу оние кои работат во случајот на група инвеститори против „Royal Bank of Scotland“ вреден 6 милијарди долари, тврди дека евентуалните претензии на британските инвеститори против автомобилскиот производител зависат делумно од надлежноста.
„Ние имаме клиенти кои неизбежно ќе ја разгледаат многу внимателно можноста да покренат вакви случаи“, изјавил Клајв Заитман, шеф на одделот за трговски спорови.
„Очигледно е дека акционерите на „Volkswagen“ во различните јурисдикции ќе ги проучат своите права и се прашуваат дали не е можно да поднесат побарувања во САД, Германија или Велика Британија.
Од минатиот петок наваму обичните и привилегираните акции на „Volkswagen“ загубија околу 30 отсто од пазарната вредност. Иако само околу 30% од обичните акции се тргуваат слободно, сите иматели на приоритетни акции потенцијално би можеле да покренат тужба против компанијата.
Петте најголеми сопственици на приоритетните акции веќе изгубиле околу 1,7 милијарди евра (2 милијарди долари) од минатата недела, а обичните акционери (најголеми меѓу кои се „Porsche“, владата на провинцијата Долна Саксонија и државниот инвестициски фонд „Qatar Investment Authority“ ) имаат изгубено околу 11 милијарди евра.
Компанијата веќе се соочува со најмалку 25 кориснички колективни тужби во име на десетици сопственици на автомобили во сите 50 американски држави.
Лансирањето на колективните тужби во Велика Британија е потешко отколку во САД, каде што тужителите можат да бидат автоматски опфатени, без да имаат активно учество во судењето.
Во Велика Британија сличен режим ќе стапи на сила од 1-ви октомври, но само за анти-монополските дела.
Ако британските адвокати сакаат да претставуваат колективни тужби против друштво на друго причина, тие треба да достават идентификувана група која ќе учествува активно во случајот и ќе има одредени загуби за одреден период на време.
За да се докаже нанесена штета во случајот од страна на инвеститорите треба компанијата да има објавено неточни информации или документ кој е предмет на англиското законодавство и надлежност - или да се повикаат на други финансиски извештаи во последниве години и да докажат дека високи функционери во компанијата биле свесни за неточностите.
Подготовките за слични дела одземаат многу време. Случајот на акционерите против „Royal Bank of Scotland“ за измама на инвеститорите во 2008 година беше подготвуван неколку години и ќе започне дури во 2016 година.
Во меѓувреме, Европската комисија ги повика сите земји членки да истражат колку автомобили на нивна територија се опремени со уреди за манипулација и со податоците за емисиите на дизел моторите на „Volkswagen“.
Компанијата потврди дека има монтирано уред со специјален софтвер, познат како „defeat device“, на одреден модел дизел мотор од 2008 година, со кој се продадени околу 11 милиони автомобили ширум светот.
Министерот за транспорт на Германија, Александер Добринд изјавил во четвртокот дека манипулацијата на податоците за емисиите од мотор на „Volkswagen“ е направена и на европскиот пазар, а не само во САД, од каде тргна скандалот.
