ЕВРОПСКА ЗЕМЈА ГИ ПРЕДУПРЕДИ ГРАЃАНИТЕ: Подгответе „торба за бегство“ за итни ситуации
Белгиската влада започна кампања со која ги повикува граѓаните да се подготват за можни вонредни ситуации, во услови на зголемени геополитички тензии и зачестени природни катастрофи.
Властите апелираат домаќинствата да обезбедат основни залихи со кои ќе можат да функционираат најмалку 72 часа во случај на криза, како што се прекин на струја или интернет.
- -Вонредни ситуации можат да се случат било каде и во било кое време – предупредуваат надлежните.
Федералниот министер за внатрешни работи, Бернар Квинтен, изјави дека ризиците од војни и природни катастрофи се зголемени во последните години, но нагласи дека целта на кампањата не е да се создаде паника, туку да се информира јавноста.
- -Да се биде подготвен е заедничка одговорност – порача тој.
Во првата фаза, фокусот е ставен на пристап до проверени информации во кризни ситуации, при што граѓаните се повикуваат да се приклучат на системот за известување BE-Alert и да ги следат официјалните канали.
Властите препорачуваат да се обезбедат резерви од вода, непропадлива храна, лекови, батерии, светилки, готовина и средства за хигиена.
Дополнително, граѓаните се советуваат да подготват и таканаречена „торба за бегство“ за итна евакуација, која треба да содржи основни намирници, важни документи, полначи за мобилни телефони и комплет за прва помош.
Кампањата во наредниот период ќе се прошири и на други потенцијални ризици, вклучително и нуклеарни инциденти, со вклучување на локалните власти во нејзината имплементација.
Дневник.хрФото: Пекселс
