Европска комисија: Неприфатливо еднострано затворање на границите во ЕУ
Европската комисија објави дека ќе испрати писмо до земјите-членки за да ги предупреди да ги почитуваат меѓусебно договорените упатства за ограничувања на патувањето и дека забраната за патување воведена од некои членки не е прифатлива.
Земјите-членки треба да го обесхрабрат неважното патување од и до темно црвените зони, но треба да се избегнува меѓусебното затворање на границите, рече портпаролот на ЕК Кристијан Виганд.
Германија еднострано ги затвори своите граници со Австрија, а Белгија ја продолжи забраната за сите неважни патувања до 1 април.
Виганд додаде дека сите земји-членки на ЕУ го поддржуваат предлогот на ЕК за заеднички координиран пристап за ограничување на движењето во контекст на борбата против пандемијата и дека секое непочитување на договорениот пристап создава проблеми со слободата на движење.
Земјите-членки можат да преземат мерки за запирање на ширењето на инфекцијата, но тие мерки мора да бидат пропорционални и недискриминирачки за граѓаните на ЕУ, рече Виганд.
На прашањето дали мерките на Белгија и Германија се пропорционални, Виганд рече дека одговорот на тоа прашање не е толку едноставен.
Европскиот комесар за правда Дидие Рејндерс во неделата изрази загриженост за едностраните потези на некои земји-членки.
„Ја следиме ситуацијата во сите земји-членки и наскоро ќе им испратиме писма“, порача Рејндерс на Твитер.
