Економија, финансии, бизнис

Контакт

Европа ја губи својата младост

Европа ја губи својата младост

Од соништата на младите луѓе останаа само фрагменти. Бидејќи политиката ги игнорира нивните потреби, младите мора да се борат за своите права, наведува германскиот весник Шпигл.

Весникот пишува и дека Европејците ја губат довербата во Европската унија и тоа со право.

- Европа беше голема идеја. Денес е само мизерија. Кризата ја разниша довербата кај граѓаните, покажуваат актуелни студии. Шокантно е дека најмногу разочарани луѓе се од земјите како Шпанија, Италија и Португалија, кои еуфорично го славеа европскиот проект – истакна германскиот весник.

Уште позастрашувачки е фактот што младината навистина можеше да го живее сонот за голема Европа: низ програми за размена на студенти, патувања без гранична контрола и на крај низ поволноста од заедничката валута. Воведувањето на еврото требаше да доведе до чувство на припадност и доверба кај помладите генерации.

Меѓутоа, Европската унија не претставува надеж, туку безнадежност. Секој се бори за сопствениот опстанок, така тоа го гледаат многу жители на Јужна Европа. Кон политиката чувствуваат само презир.

Лидерите од европските главни градови подаруваат милијарди за разни програми за спасување но не препознаваат, дека притоа неповратно го губат единственото вредно на Европа, младата генерација.

Најмалку една третина млади под 25 години се невработени во земјите на Јужна Европа. Во Шпанија и Грција, две третини од нив немаат никаква работа. Младите немаат никаква перспектива, живеат незаштитено, јадно и очајно.

Дали тоа треба да биде став за иднината на Европа каква што ја сакаме? Вознемирувачките последици од кризата веќе се покажуваат: криминалот е во пораст во Шпанија, Италија и Португалија.

Европа губи цела генерација, а со неа и идејата за Европа. Бидејќи, кој ќе ја носи во иднина, ако не овие млади луѓе? – прашува Шпигл.

Политичарите, кои одат од една во друга криза, немаат одговор на проблемите, дури не се заинтересирани за проблемите на младите. Можеби едноставно затоа што како гласачка група не се интересни во време на демографски промени. Кога Германија и Франција сега би сакале да покренат заедничка иницијатива за вработување на младите, тоа би било вредно за пофалба, но сепак би дошла доцна.

Германската влада се доживува како посебно студена, бидејќи константно форсира штедење. Сите придонесоа за кризата на јужноевропските земји. Но, гневот на Берлин е оправдан: кој нема да најде работа, се дружи со пријатели кои исто така не се вработени и можеби ги изгубиле и становите, тој не е расположен за приказните на богатите Германци.

Младите сакаат да бидат сериозно сфатени. Во Италија на пример се пронајдоа во партијата на Бепе Грил.

Лидерите од континентот се уште не сфатиле каков потенцијал губат. Младата генерација не смее повеќе да си дозволи вакво невнимание. Мора да биде погласна. Мора да се ангажира. Мора да излегува на избори, да влезе во некоја политичка партија, или да основаат нова, значи да направи нешто конкретно за своја подобра иднина.

Мора иднината да ја земе во свои раце, бидејќи во спротивно, никој друг нема да ја земе – заклучува Шпигл.

Слично

Поврзани вести