Ево Моралес планира затворање на американската амбасада во Боливија
Претседателот на Боливија, Ево Моралес рече дека планира затворање на Американската амбасада во Ла Паз, по притисокот, кој Вашингтон го изврши врз четири европски земји кои привремено ги затворија воздушните простори за прелет на неговиот авион.
По забраната за прелет на неговиот авион, боливискиот претседател Ево Моралес е бесен на европските држави одговорни за тоа, но пред се‘ на САД.
„Извинувањата на земјата која не ни дозволи прелет на територијата не се доволни“, изјави Моралес на средбата со латиноамериканските колеги во боливискиот град Кочабамба. „Не ни е потребна американска амбасада. Без САД стоиме подобро политички и демократски, а без Светска банка и ММФ економски ни оди подобро“ нагласи Моралес.
Според Моралес, нови сојузници на Боливија се Латинска Америка, Кина, Русија и некои европски држави.
Авионот на Моралес кој тргна од Москва, неделава мораше да слета на аеродромот во Виена, каде беше заглавен 13 часа, наводно поради сомневања дека во авионот се наоѓа Едвард Сноуден, човекот што ја откри програмата за надгледување „Призма“.
Раководството во Ла Паз е огорчено поради тоа што Франција, Италија, Шпанија и Португалија го затворија на одредено време својот воздушен простор и не дозволија прелет на авионот на претседателот Моралес.
Моралес навел дека тоа е кршење на меѓународното право и додал дека неименуван министер од една европска држава изјавил дека зад инцидентот стои ЦИА, наведува британски "Guardian".
„Што им беше целта, сакаа да ме исплашат? Сакаа да ме замолчат, да ме заплашат?“, праша Моралес, додавајќи дека никогаш не помислил да го изнесе Сноуден од Русија. Претседателите на Венецуела, Еквадор, Аргентина и Уругвај, по разговорите со Моралес изразија своја солидарност. Сепак, колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос предупреди дека инцидентот не смее да се претвори во дипломатска криза меѓу Латинска Америка и Европа.
Франција во четвртокот упати извинување до Боливија поради тоа „што заради противречни информации" не дозволи влегувањето на авионот на претседателот Ево Моралес во нејзиниот воздушен простор.
