ЕВАКУИРАЈТЕ СЕ! Украинските власти го повикаа населението да ги напушти Доњецк, Херсон и Запорожје: Не се враќајте до пролет!
Украинската влада ги советува луѓето од конфликтните зони на истокот и југот на земјата да бегаат пред почетокот на студеното време.
- Повикувам на евакуација од Доњецк, Херсон, Запорожје и делови од регионот Харков пред почетокот на студеното време. Оние кои можат, нека си заминат постепено и планирано - изјави во средата вицепремиерката Ирина Верешчук за украинската телевизија.
Таа советуваше и никој да не се враќа во тие области пред следната пролет, дури и ако се реши проблемот со снабдувањето со топлинска енергија, пренесува Хина.
Таа рече дека досега владата само наредила присилна евакуација за регионот Доњецк. Во моментов се размислува за други области или делови од нив, рече Верешчук.
Украинската влада ја очекува тешка зима поради руската војна. Снабдувањето со електрична енергија, вода и парно нема да функционира или ќе функционира само во ограничен обем во некои делови од земјата поради оштетување на инфраструктурата.
