ЕУ воведува санкции за Украина
Мерките вклучуваат забрана за издавање на визи и замрзнување на имотот на одговорните за насилството, одлучија министрите за надворешни работи на Унијата.
Министрите за надворешни работи на Европската унија се согласија да воведат санкционирање на Украина, вклучувајќи забрана за издавање на визи и замрзнување на имотот на оние кои се одговорни за насилството таму, пренесоа агенциите, цитирајќи ја италијанската министерка за надворешни работи Ема Бонино, пренесе БТА.
Бонино појасни дека овој договор е постигнат и со согласност на министрите за надворешни работи на Франција, Германија и Полска, кои останаа во Киев, за да преговараат со украинскиот претседател Виктор Јанукович.
"Решението е да дејствуваме многу брзо во наредните часови за визни ограничувања и замрзнување на средствата на оние кои извршиле насилството", вели таа.
Министрите за надворешни работи на Франција, Германија и Полска Лоран Фабиюс, Франк Валтер Штајнмаер и Радослав Шикорски предложија план од три точки за решавање на кризата во Украина, пренесоа агенциите, повикувајќи се на претставници на европската делегација.
Патоказот предвидува преодна влада, уставни реформи и парламентарни и претседателски избори.
Во меѓувреме Белата куќа соопшти дека е шокирана од пукањето на полицијата против демонстрантите во Украина и уште еднаш го повика претседателот Виктор Јанукович да ја повлече полицијата од центарот на Киев, пренесе Франс прес.
"Револтирани сме од кадрите, на кои се гледа како силите на редот пукаат со автоматско оружје против сонародниците", рече портпаролот на претседателот Барак Обама Џеј Карни. Тој ја повика украинската армија да не се меша во конфликтот кој би можел да биде решен со политички средства.
Белата куќа изјави дека САД ќе работат со европските сојузници, за да бидат казнети одговорните за насилството во Украина. Белата куќа повикува на дијалог меѓу владата и демонстрантите.
К.К.
Слично
