ЕУ воведува нови санкции за Русија за една недела
За седум дена Европската унија се очекува да објави нови санкции за Русија заради нејзината инволвираност во случувањата во Украина, најави досегашниот претседател на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј.
Тој избегна да даде објаснување какви дополнителни рестриктивни мерки ќе бидат воведени кон официјална Москва, а не прецизираше ниту кои услови Брисел бара да се исполнат за да се избегнат новите санкции.
Лидерите на ЕУ ги договориле санкциите на синоќешниот состанок во Брисел, а нивното стапување на сила се очекува за седум дена доколку Русија не преземе чекори за смирување на украинската криза.
Пакетот санкции ќе го дефинира Европската комисија и со нив Брисел сака да ја нагласи својата загриженост од ситуацијата на терен во Украина, која постојано се влошува.
„Екстремно сме загрижени заради влошувањето на ситуацијата во Украина“, рече Ван Ромпуј по состанокот. Претходниот бран санкции што ЕУ и САД го воведоа кон Русија предизвика и вистинска трговска војна, бидејќи Москва на нив возврати со ембарго на увозот на прехранбени производи од западните земји.
Слично
