ЕУ воведува „голем брат“ во автомобилите: Од 1 јули нови правила за сите нови возила
Од 1 јули оваа година, купувањето нов автомобил во Европската унија ќе донесе две значајни новини, насочени кон зголемување на безбедноста во сообраќајот и спречување регистрација на возила што не ги исполнуваат стандардите.
Ново светло за итно сопирање
Првата новина е задолжително вградување на таканаречен „сигнал за итно запирање“. Станува збор за систем кој автоматски се активира при силно сопирање на брзини над 50 км/ч, со цел навремено да ги предупреди возачите зад возилото дека доаѓа до нагло намалување на брзината.
Системот работи автоматски – сензорите ја мерат силата на сопирањето и сами одлучуваат кога да го активираат сигналот, без потреба од интервенција од возачот.
Важно е да се нагласи дека оваа обврска важи само за новите патнички автомобили и лесни комерцијални возила, додека сопствениците на постоечките возила немаат дополнителни обврски.
Камери што го следат возачот
Втората новина е воведување на системот Advanced Driver Distraction Warning (ADDW), кој преку камери и сензори го следи движењето на главата и лицето на возачот.
Доколку системот утврди дека вниманието на возачот е пренасочено од патот, активира звучно и визуелно предупредување.
Системот се вклучува автоматски при стартување на автомобилот, а иако може да се исклучи, тоа мора да се прави секојпат повторно – најчесто преку менито на возилото.
Контроверзии меѓу возачите
Иако целта е зголемување на безбедноста – имајќи предвид дека до 30% од сообраќајните незгоди се поврзани со невнимание – дел од возачите сметаат дека системот може да биде и дополнителен извор на одвлекување внимание.
Практичните искуства покажуваат дека некои системи реагираат пречувствително – на пример, при поглед кон мултимедијалниот екран или при проверка на мртвиот агол, што е дел од безбедното возење.
Сепак, без оглед на критиките, од јули секој нов автомобил во ЕУ ќе биде опремен со овие технологии, кои за некои се чекор кон поголема безбедност, а за други – почеток на „големиот брат“ на четири тркала.
Курир.рс