ЕУ предлага привремено одземање на правото на вето за да се спречи нова „Унгарија“
Пет влијателни земји-членки на Европската Унија – Германија, Франција, Холандија, Белгија и Луксембург – предлагаат радикални измени во правилата за проширување. Според заедничкиот документ во кој увид имала агенцијата „Ројтерс“, се бара воведување на построги механизми за заштита на владеењето на правото, вклучително и привремено ограничување на гласачките права на идните нови членки.
Најконтроверзниот дел од предлогот се однесува на привремено одземање на правото на глас на новите членки во секторите каде што е потребна едногласност (консензус).
Оваа дебата се отвора во период кога Црна Гора цели кон членство до 2028 година, а Албанија, Украина и Молдавија прават сериозни напори за напредок во пристапните преговори.
Главниот мотив зад овој предлог се лошите искуства на Унијата со уривањето на демократските стандарди во одредени земји-членки, со посебен акцент на Унгарија под раководство на Виктор Орбан. За да се спречат идни блокади на европските институции, петте држави предлагаат решенија кои би станале дел од идните пристапни договори.
Заштитна клаузула: Можност за брза реакција и мерки доколку новата членка покаже сериозно назадување во областа на демократијата, владеењето на правото и слободата на медиумите. Нов механизам за следење: Континуиран мониторинг на состојбите и по официјалниот прием во Унијата.
Унгарија кочеше многу одлуки во однос на Украина.
