ЕУ НЕ СЕ ИСПЛАШИ ОД ОДЛУКАТА НА ТЕРЕЗА: Нема менување на насоките за Брегзит, и покрај предвремените избори
Европската унија соопшти дека нивните насоки за преговори со Лондон во врска со Брегзит нема да бидат засегнати од одлуката на британскиот премиер Тереза Меј да распише предвремени парламентарни избори во јуни.
„Британските избори не ги менуваат плановите на 27-те држави членки на Унијата“, изјавил Пребен Аман, портпарол на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
Претходно денеска премиерката Меј објави изненадувачка одлука дека има намера да распише предвремени парламентарни избори во Велика Британија на 8 јуни.
Според неа, гласањето е потребно токму сега, бидејќи голем број на други партии се против плановите на владата за преговори во врска со Брегзит. Според неа треба единство во британската власт во однос на излегувањето од Унијата и едни предвремени избори ќе го постигнат тоа, пренесуваат агенциите. Меј додаде и дека не е подготвена да им овозможи на нејзините противници да го загрозат Брегзит, со кој Владата планира да ја врати контролата врз своето законодавство и граници.
Пораката на премиерот доаѓа шокантно, бидејќи во минатото таа најавуваше дека за време на нејзиниот мандат нема да има предвремени избори.
