ЕУ најави итна хуманитарна иницијатива за Алепо
Европската комисија го објави почетокот на итна хуманитарна иницијатива на Европската унија, за да можат организациите да помогнат на населението во вториот по големина сириски град Алепо, кој е под опсада делумно од силите на режимот, пренесе Франс прес.
ЕУ мобилизира 25 милиони евра итна помош за хуманитарните партнери, за да бидат покриени потребите од лекови и да се испратат вода и храна во Алепо, додава во соопштението шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини и еврокомесарот за хуманитарни прашања, Христос Стилјанидис.
Иницијативата е покрената заедно со ОН, за да се спротивстави на „хуманитарната трагедија“, истакнуваат тие, повикувајќи „ги сите страни во конфликтот да ја поддржуваат и олеснуваат“.
Околу 250 000 жители во Алепо се соочуваат со „злосторства кои ниедно човечко суштество не би требало да ги толерира“, истакна шефот на хуманитарните операции на ОН, Стивен О'Брајан.
Могерини и Стилјанидис инсистираат исто така дека медицинското евакуирање не се однесува само на источниот дел на Алепо, туку за сите зони под опсада.
