ЕУ КАЖА КОЛКУ ДОЛГО ЌЕ ИМ БИДЕ ДОЗВОЛЕНО ДА ОСТАНАТ УКРАИНСКИТЕ БЕГАЛЦИ: Се проценува дека над половина милион избегале за само четири дена
Брисел планира бегалците
од Украина да им дозволи да останат три години, а веќе околу 300.000 луѓе
избегале во ЕУ.
Претставниците на Европската унија работат на нацрт-предлози со кои на украинските бегалци кои избегаа од земјата ќе им се даде заштита да останат и да работат во блокот од 27 земји-членки до три години.
Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин за ТВ Франс 2 изјави дека „должност на ЕУ е да ги земе оние што бегаат од војна“, потврдувајќи дека ЕУ министрите за внатрешни работи ја задолжиле Европската комисија да ги напише предлозите.
Треба повторно да се сретнат во четврток за да ги формализираат деталите за предлозите. Високиот комесаријат за бегалци на ОН, Филипо Гранди, проценува дека над 500.000 луѓе избегале за нешто повеќе од четири дена.
Високи претставници на ЕУ и Франција велат дека најмалку 300.000 од нив влегле во блокот досега.
Директивата на ЕУ за привремена заштита, која беше изготвена во 1990-тите по војната на Балканот, обезбедува заштита од една до три години во сите земји-членки за бегалците кои бегаат од конфликт. Поединците кои влегуваат во ЕУ од Украина ќе имаат право на дозвола за престој, пристап до вработување, социјална помош и медицински третман според директивата за претходна заштита.
„Сите земји-членки на ЕУ се подготвени да прифатат бегалци од Украина“, изјави германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер, додавајќи дека земјите-членки „стојат во солидарност со народот на Украина“.
Јанез Ленарчиќ, европскиот комесар за управување со кризи, процени дека бројот на раселени Украинци поради конфликтот може да биде дури седум милиони, нарекувајќи го „најголемата хуманитарна криза на европски континент по многу години“.
ФОТО: Zsolt Czegledi/EPA