ЕУ ја менува забраната – бензинците не заминуваат
Европската комисија подготвува ревизија на забраната за продажба на нови автомобили со мотори на внатрешно согорување по 2035 година, при што би се овозможило продолжување на нивната употреба доколку работат на е-горива или други нискојаглеродни горива. Ова го најави европскиот комесар за транспорт Апостолос Цицикостас, кој истакна дека Брисел „ќе биде отворен за сите технологии“ при изработката на новите правила за емисиите на CO2.
Сигналите за промена доаѓаат по силниот притисок од повеќе земји членки и автомобилската индустрија, која предупредува дека строгите ограничувања ја ставаат Европа во неповолна позиција во глобалната конкуренција. Посебно влијателно беше неодамнешното барање на германската влада, која инсистира на „флексибилни и реалистични регулативи“ со можност за продолжено користење на хибриди и возила што работат на синтетички горива.
Според најавите, Комисијата ќе разгледа проширување на системот на пресметка на емисиите, каде што би се земале предвид и еколошките придобивки во самото производство на автомобилите – на пример употребата на „зелен“ челик. Ова би можело да доведе до значителни измени во начинот на кој производителите ги исполнуваат целите за CO2.
Цицикостас нагласи дека ревидираната регулатива ќе го опфати развојот на е-горивата, биогоривата и другите нискоемисиони технологии, со цел транзицијата да биде „економски одржлива и социјално правична“. Тој потврди дека нови автомобили со мотори на внатрешно согорување би можеле да продолжат да се регистрираат и по 2035 година, доколку ги исполнуваат новите стандарди за јаглеродна неутралност.
Пакетот регулативи за транспортниот сектор, кој требаше да биде претставен во декември, најверојатно ќе биде одложен за почетокот на следната година. Сепак, финалната одлука мора да ја донесат земјите членки и Европскиот парламент.
Еколошките организации остро реагираа на потенцијалното повлекување, предупредувајќи дека отворањето на вратата за мотори со внатрешно согорување ќе го забави преминот кон електрични возила и ќе создаде дополнителна неизвесност во автомобилската индустрија.
