ЕУ го одложува ЕТИАС системот за патување
Eвропската Унија(ЕУ) го одложува ЕТИАС системот за патување. ЕТИАС, односно Европскиот систем за информации и одобрување на патувања, треба да биде задолжителен за државјани од земји кои имаат безвизен режим со Шенген зоната. Патниците ќе треба однапред да поднесат електронско барање, да достават лични податоци и да платат надомест, пред да почнат патување кон Европската унија. Причината за одложувањето е поврзана со проблемите при воведувањето на Системот за влез и излез ЕЕС, кој бара собирање биометриски податоци, вклучително отпечатоци од прсти и фотографии од лицето на патниците кои не се државјани на ЕУ. На дел од граничните премини и аеродроми беа забележани подолги редици и технички потешкотии, што предизвика загриженост дека воведувањето на дополнителен систем би создало уште поголем хаос. Европските власти посочуваат дека целта на двата система е модернизација на граничните контроли, подобра безбедност и поефикасно следење на краткорочните патувања во Шенген зоната. Сепак, целосната примена зависи од техничката подготвеност на системите и капацитетите на земјите членки да ги спроведат новите процедури. За граѓаните од земјите од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, воведувањето на ЕТИАС ќе значи нов чекор пред патувањето во Европа, но нема да претставува класична виза. Одобрението ќе биде поврзано со пасошот и ќе се бара пред патување, додека точниот датум на почеток на системот ЕУ дополнително ќе го објави.
