ЕУ го договори буџетот за 2014 година
По маратонските преговори, институциите на ЕУ го договорија буџетот за 2014 година. Буџетот за наредната година предвидува вкупната потрошувачка на Унијата да изнесува 133,5 милијарди евра.
Најавениот буџет е за околу 6 отсто понизок во однос на годинешниот, а со оваа потрошувачка исто така се предвидени и дополнителни средства во борбата против растечката невработеност во 28-те членки на блокот, пренесува Ројтерс.
- Мило ми е што постигнавме договор со Европскиот парламент околу финансирањето на приоритетните области како што се растот на трудот, вработувањето, иновациите и хуманитарната помош - изјави Алгимантас Римкунас, заменик министер за финансии на Литванија, која претседава со ЕУ.
Договорот кој беше постигнат по 16 часа преговори, предвидува до 3,9 милијарди евра за отворање на нови работни места и обука за 19 милиони млади Европјани кои во моментов се без работа.
Критичарите, меѓутоа, тврдат дека дополнителните средства се само капка во океанот, бидејќи се работи само за 200 евра за секој невработен млад човек.
Најголем дел од буџетските средства, околу две третини, ќе бидат потрошени на субвенции за европските земјоделци и инвестициони проекти, како што се изградба на патишта во сиромашните централни и источни членки на ЕУ.
За да стапи во сила во целост, овој буџет сега мора да го одобрат министрите на ЕУ, а потоа и ЕП.
Слично
