ЕУ ГИ ЗГОЛЕМУВА КАПАЦИТЕТИТЕ НА ВЕТРОПАРКОВИТЕ НА БАЛТИЧКОТО МОРЕ: Целта е да се намали зависноста од руските фосилни горива
Во обид да се намали зависноста на Европската унија од руските фосилни горива, осум земји-членки на ЕУ денеска се согласија до 2030 година да го зголемат седум пати поголем капацитет за производство на електрична енергија од ветер во Балтичкото Море.
Капацитетите на турбините на ветер во Балтичкото Море во моментов се 2,8 гигавати, а речиси сите инсталации се наоѓаат во данските и германските води, пренесува Ројтерс.
Данска, Естонија, Финска, Германија, Латвија, Литванија, Полска и Шведска, кои сите се отворени кон Балтичкото Море, денеска во присуство на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се договорија драстично да го зголемат производството на енергија преку ветер.
„Ние споделуваме голем потенцијал за офшор ветер. Се додека зависиме од фосилните горива, ќе бидеме ранливи“, рече данската премиерка Мете Фредериксен.
Енергетската криза во Европа станува се поизвесна. Испораките на руски гас драстично се намалија по конфликтот во Украина, а Франција, некогаш најголемиот европски извозник на електрична енергија, стана нето увозник на енергија оваа година за прв пат откако беше воведена евиденција во 2012 година, бидејќи нејзиното производство нуклеарна енергија падна на најниско ниво во последните 30 години.
Франција со години го поддржува снабдувањето со електрична енергија на Европа обезбедувајќи околу 15 отсто од вкупното производство на електрична енергија, но оваа зима можеби нема да произведе доволно нуклеарна енергија за да им помогне на европските соседи кои бараат алтернативи за рускиот гас, па дури и можеби ќе треба да ја регулира потрошувачката на електрична енергија за да ги исполни сопствените потреби.
