ЕУ ги продолжи санкциите против Русија до јануари 2016 година
Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ ги продолжија економските санкции против Русија поради интервенцијата во Украина за шест месеци до јануари 2016 година, објавил претставник на Унијата.
Денешната одлука е потврда на донесената одлука од страна на амбасадорите на земјите членки во ЕУ минатата недела.
Одлуката е донесена без дебата. Санкциите вклучуваат ограничување на пристапот до некои финансиски пазари и забрана на одредени технологии. Тие истекуваа во јули.
Рестриктивните мерки беа наметнати во јули 2014 година како одговор на анексија на Крим од Русија во март и поддршката за проруските сепаратисти во Украина.
ЕУ соопшти дека санкциите ќе бидат отстранети по целосното исполнување на Минскиот договор.
Претходно овој месец портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, предупредил дека Русија нема да ги остави санкциите без одговор.
Според некои истражувања ЕУ може да загуби до 100 милијарди евра поради ваквите санции и владините мерки.
Министрите, кои се состанаа во Луксембург, исто постигнаа согласност за отпочнување на морска мисија во Средоземното Море за борба против шверцерите на луѓе кои превезуваат илјадници мигранти од Либија до Европа, додал претставникот на ЕУ.
