Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ештон во Киев, но демонстрантите слушаат само еден човек

Ештон во Киев, но демонстрантите слушаат само еден човек
Демонстрантите на Плоштадот на незвисноста во Киев денеска формираа Национална гарда, објавуваат руските медиуми. Ситуацијата во земјата повторно е на точка на вриење, откако опозицијата изрази отворено незадоволство со содржината на предлог-законот за амнестија што го изнесе претседателот Виктор Јанукович. „Луѓето излегоа на улица бидејќи сакаат промена на ситуацијата во земјата. Ако властите кажуваат дека ќе ги ослободат приведените само ако демонстрантите се вратат дома, тоа е недозволиво. Луѓето ќе заминат од плоштад кога ќе бидат убедени во целосниот „рестарт“ на власта и во промена на постоечкиот систем“, изјави опозицискиот лидер Виталиј Кличко. Во обид да ги смири тензиите во Украина денеска допатува и шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон, која оствари средба со Јанукович. Веста за средбата ја објави украинската државна новинска агенција, повикувајќи се на информации од Кабинетот на Јанукович. Прес-службата на Ештон објави фотографии од средбата, без повеќе детали. Сепак, надежите дека посетата ќе донесе смирување на ситуацијата се мали. Медиумите во Киев тврдат дека демонстрантите на Плоштадот на независноста, особено оние од порадикалните структури го слушаат единствено амбасадорот на САД Џефри Пајета. Знаејќи го ова, украинскиот министер за внатрешни работи се обратил токму до Пајета за да повлијае на демонстрантите да го напуштат заземеното Министерство за правда пред два дена, во што овој успеал без поголеми проблеми. Според медиумите, влијанието на Вашингтон врз незадоволните граѓани е големо, бидејќи многу од нив немаат веќе доверба кон ниту еден од украинските политичари. Првиот претседател на самостојна Украина, Леонид Кравчук, денеска предупреди дека државата е на работ на граѓанска војна. Во текот на парламентарната расправа за амнестија на анти-владините демонстранти, Кравчук, кој беше претседател на Украина од 1991-та до 1994-та година, ја отвори дебатата со предупредување до сите инволвирани страни, да дејствуваат со поголема одговорност за иднината на земјата.
Слично

Поврзани вести