Ерменија одбележува 101 годинa од ерменскиот геноцид
Ерменија и Ерменците во целиот свет денеска одбележуваат годишнина од почетокот на масовните убиства на Ерменците во Отоманската империја во 1915 година.
Околу 1,5 милиони Ерменци се масакрирани пред 101 година во Првата светска војна според ерменските власти, кои овој злостор го денфинираат како геноцид. Наследничката на Отоманската империја, современа Турција, сепак, ги оспорува бројот на жртвите и негира дека Ерменците биле подложени на геноцид.
Масакрот на повеќе од 200 ерменски интелектуалци на 24 април 1915 година се смета за почеток на масовните убиства, забележуваат американските медиуми. Ерменските раководители на чело со претседателот, Серж Саргсјан и патријархот, Карекин Втори ќе го посетат денеска Меморијалниот комплекс во спомен на жртвите на рид во главниот град Ереван.
Централен гостин при одбележувањето на мрачната годишнина ќе биде американскиот актер Џорџ Клуни, кој пристигна во Ерменија. Тој е истакнат поборник за признавање на масовните убиства за геноцид, нешто што САД не го направиле поради блиски односи со Турција.
