Ерменците бараат поништување на Договорот со Азербејџан
Ерменците бараат поништување на Договорот со Азербејџан, со кој се стави крај на воените дејствија во регионот Нагорно - Карабах.
Претседателот на ерменската опозициска партија „Светла Ерменија“, Едмон Марукјан, објави дека се собрани доволен број потписи за свикување на вонредна седница на Парламентот.
Собраните демонстранти во центарот на Ереван му дадоа ултиматум на премиерот Никола Пашинјан да поднесе оставка до полноќ, во спротивно тие ќе свикаат вонредна прес-конференција околу 00:30 часот, на која ќе се обидат да го „решат прашањето за заминувањето на Пашинјан“.
Вчера опозициската партија „Напредна Ерменија“ објави дека собира потписи за свикување на вонредна седница на парламентот, каде што ќе биде поништено учеството на Ереван во новите договори за Карабах.
Лидерите на Русија, Азербејџан и Ерменија се согласија за прекин на воените дејствија во Карабах. Примирјето стапи на сила на 10 ноември на полноќ.
Договорено е Ерменија и Азербејџан да застанат на сегашните борбени позиции и да ги разменат затворениците. Руски мировници ќе бидат распоредени во Нагорно Карабах.
Ерменскиот премиер Никола Пашинјан објасни дека Ерменија беше принудена да го потпише договорот за прекин на војната во регионот Нагорно Карабах за да избегне воен пораз.
Договорот овозможил зачувување на престолнината Степанакерт и уште два града.
