Ерменскиот премиер бара Русија да спречи судири во Нагорно Карабах
Ерменија ги повика руските мировни сили да интервенираат во регионот Нагорно Карабах.
Премиерот Никола Пашињан денеска ги повика руските мировни сили, распоредени во Нагорно Карабах, да делуваат, по новото избивање на насилство меѓу азербејџанската војска и ерменските сепаратисти во оваа спорна енклава, објави Бета.
„Очекуваме контингент мировни војници да го спречат секој обид за нарушување на линијата на контакт“, изјави ерменскиот премиер.
Ерменскиот премиер оценува дека операцијата за одржување на мирот треба да биде разјаснета, затоа што Азербејџан одбива да потпише документ за мандатот на руските сили распоредени од 2020 година.
Тој го повика Азербејџан да ги исполни обврските и да го признае постоењето на Нагорно Карабах, да ја почитува линијата на контакт и да го признае коридорот Лачин што ја поврзува сепаратистичката енклава со Ерменија. Во спротивно, како што тој нагласи, Ерменија ќе мора да промовира меѓународни механизми за Азербејџан да ги исполни своите обврски. Европската Унија(ЕУ) повика на итен прекин на непријателствата.
Во ноември пред две години, Ерменија склучи мировен договор со Азербејџан, со посредство на Русија, по поразот на ерменските сили во шестнеделната војна при што загинаа повеќе од 6.500 луѓе. Со тој договор, Ерменија изгуби контрола врз дел од Нагорно Карабах и околните области во Азербејџан по повеќе од 25 години. Повторно има конфликти меѓу ерменските и азербејџанските сили во Нагорно Карабах, формално територија на Азербејџан, чиј поголем дел е под контрола на силите на етнички Ерменци, поддржани од владата во Ереван. Азербејџан синоќа објави дека ја презеле контролата над повеќе позиции и дека се уништени ерменските цели во Нагорно Карабах за време на ескалација, каде загинаа најмалку три лица. Војната во овој регион доведе до етнички чистења.
