Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕРДОГАН ЗАСТАНА НА СТРАНАТА НА ПАКИСТАН - Турција е подготвена да спречи ескалација на нуклеарната криза

ЕРДОГАН ЗАСТАНА НА СТРАНАТА НА ПАКИСТАН - Турција е подготвена да спречи ескалација на нуклеарната криза

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган телефонски разговараше со пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф и изрази солидарност по смртоносниот индиски ракетен напад врз Пакистан и пакистанскиот Кашмир, соопшти прес-службата на Ердоган.

Ердоган му порача на Шариф дека Турција ја поддржува мирната и воздржана политика на Пакистан за справување со кризи, велејќи дека го смета за „соодветен“ повикот на официјален Исламабад за покренување истрага за нападот на исламските екстремисти што ја предизвика кризата со Индија.

- Претседателот Ердоган изјави дека Турција е подготвена да стори сè што може за да спречи понатамошно ескалирање на тензиите - се вели во соопштението од прес-службата на Ердоган, пренесува Ројтерс.

Пакистанските власти претходно денес соопштија дека пакистанските единици за воздушна одбрана собориле пет индиски авиони и најавија понатамошна одмазда во најлошиот конфликт во последните две децении меѓу двата нуклеарно вооружени соседи. Во напад извршен на 22 април, исламски екстремисти убија 26 лица во индиски Кашмир, а пакистанските власти ги негираа индиските обвинувања дека се поврзани со нападот.

По објавата на службите на Ердоган, на темата се огласи и премиерот на Пакиснат, Шехбаз Шариф кој потврди дека разговарал со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кого го нарече „драг брат“.

Шариф му се заблагодари на Ердоган за покажаната „солидарност и поддршка со Пакистан во ова критично време“, напиша тој на X.

Шариф, исто така, го информираше Ердоган за „храбрите напори“ на пакистанската војска.

- Ќе го заштитиме нашиот суверенитет и територијален интегритет по секоја цена. Пакистан е благодарен за турските напори за промовирање на деескалација и одржување на мирот во Јужна Азија - стои во неговата објава.

Пакистан и Турција се блиски партнери. Во среда, турското Министерство за надворешни работи предупреди дека ракетните напади на Индија врз Пакистан и Кашмир, управуван од Пакистан, „го зголемуваат ризикот од тотална војна“.

- Ги осудуваме ваквите провокативни чекори, како и нападите насочени кон цивили и цивилна инфраструктура - се вели во соопштението и ги повтори повиците на Пакистан за истрага за нападот на милитантите од 22 април во Кашмир, управуван од Индија. Делхи го обвини својот сосед, што Пакистан го негира.

Слично

Поврзани вести