ЕРДОГАН ПОПУШТИ: Потпишано барањето за членство на Шведска во НАТО, до парламентот поднесен предлог-законот за кандидатура
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган денеска до парламентот на неговата земја го доставил предлог-законот за кандидатурата на Шведска за членство во НАТО на ратификација, соопшти кабинетот на турскиот претседател.
Турското претседателство не соопшти други детали, објави Ројтерс.
Во соопштението објавено на социјалните мрежи се наведува дека Ердоган го потпишал протоколот за прием на Шведска во НАТО и го проследил на усвојување до парламентот, јави Анадолија.
Шведска, заедно со Финска, поднесе барање за членство во НАТО минатата година по рускиот напад врз Украина.
Финска доби зелено светло во април годинава, додека приемот на Шведска беше одложен од Турција и Унгарија.
Будимпешта претходно соопшти дека ќе го одобри шведското членство откако Турција го одобри тоа.
