Ердоган побара јасен одговор: Или влегуваме во ЕУ или не!
„Однесувањето на Европа е како на некој кој не сака да ги исполни ветувањата дадени на Турција“, изјави денеска Ердоган.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган побара денеска од Европската Унија да изјави јасно дали е за или против пристапувањето на Турција, уверувајќи дека „тоа е крај на играта“ во говорот пред парламентот во Анкара, пренесе Франс прес.
- Дојде крајот на играта, изјави по адреса на ЕУ турскиот претседател, кој зборуваше по повод отворањето на новата парламентарна година по летниот одмор во Турција.
Според него, „нема никаква пречка Турција да стане членка на ЕУ. Ако ЕУ го сака тоа, ние сме подготвени“. „Да видиме дали тие сакаат да продолжат со или без Турција“, рече тој.
„Фактот дека не оставаат пред вратата 53 години, сведочи за нивните намери спрема нас, истакна тој и ги повика земјите членки да ги дефинираат нивните намери.
„Однесувањето на Европа е како на некој кој не сака да ги исполни ветувањата дадени на Турција“, продолжи Ердоган.
Тој ги критикуваше „изјавите на Унијата, особено оние кои се однесуваат на борбата против тероризмот, кој е прашање на опстанок на Турција„, изразувајќи жалење што ЕУ „се обидува да го направи тоа критериум во процесот на пристапување“.
„Турција секогаш ги почитувала обврските кон Европа“, рече уште Ердоган, потсетувајќи дека визниот режим за турските граѓани при патување во ЕУ требаше да биде укинат во октомври, „месец, кој ќе биде важен“ за односите на земјата со Европејците, по зборовите на турскиот претседател.
