Ердоган ќе го прашува народот за преговорите со ЕУ?
Турција може да организира референдум за тоа дали да продолжи преговарачкиот процес за пристапување кон ЕУ, рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, цитиран од агенциите.
Според Ердоган, ЕУ не сака да ја прими Турција, затоа што таа е со муслиманско население и тоа е дискриминација.
„ЕУ нè дискриминира. ЕУ официјално ни даде збор уште во 1963 година, но процесот се одолговлекува. Ако ЕУ отстапи на тема тероризмот (барањето на Брисел за измена на турската антитерористичка легислатива), ние лесно ќе ја објасниме ситуацијата на народот. И ќе ја прашаме нацијата дали да продолжат преговорите за влез во ЕУ или не "- рече Ердоган во универзитет во Истанбул.
Ердоган, исто така потсети дека раководството на ЕУ треба "да размисли што ќе прави ако Турција ги отвори границите и бегалците тргнат кон Европа".
„Ние ќе поминеме и без укинување на визите, како и досега. Ќе можат ли сепак европските земји да ја прифатат со истата ладнокрвност ситуацијата кога ќе бидат скршени соништа на милионите бегалци, чиј живот е поврзан со договорот за реадмисија и можностите кои ги нуди? "- праша турскиот претседател.
Договорот за реадмисија е клучен аспект од визната либерализација, а исто така може да направи поефикасна заедничката борба на Турција и ЕУ против илегалната миграција и тероризмот.
