Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ердоган ја продолжи вонредната состојба поради заканите против владата

Ердоган ја продолжи вонредната состојба поради заканите против владата

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се одлучи да ја продолжи за три месеци вонредната состојба, наметната во земјата по неуспешниот обид за државен удар, соопшти вицепремиерот Нуман Куртулмуш, цитиран од ДПА.

Советот за безбедност на земјата порано препорача продолжување на вонредната состојба што беше наметната првично на 21 јули за 90 дена по неуспешниот обид за државен удар на 15 јули.

Куртулмуш рече дека продолжувањето на вонредната состојба ќе влезе во сила од 19 октомври, кога истекуваат првите три месеци, пренесува Ројтерс.

Парламентарното одобрение на мерката се смета за формалност, бидејќи владејачката Партија на правдата и развојот на Ердоган и десничарската Партија на националистичка акција, која ја поддржуваат вонредната состојба, го формираат потребното мнозинство.

Главниот опозициски блок во земјата и Курдите изразуваат зголемена загриженост и повикуваат за ставање крај на мерките и враќање кон парламентарното управување.

Ердоган од своја страна изјави дека законодавниот орган не е подготвен да се справи со оваа ситуација во земјата.

Централно-левичарската Републиканска народна партија тврди дека повеќе невини луѓе беа уапсени за време на чистката по обидот за преврат и ја обвинуваат владата за прекумерни активности.

Ердоган тврди дека вонредната состојба е потребна за да се спротивстави на заканите против владата. Врз основа на законите за вонредната состојба тој издаде декрет за затворање на институции, вклучувајќи десетици медиуми, отпуштање на над 50.000 државни службеници и привремено отстранување на десетици илјади други.

Владата го обвинува за обидот за преврат Фетхулах Ѓулен, кој живее во САД, но тој ги отфрла овие обвинувања. Анкара сака тој да биде екстрадиран од САД. Турција уапси 32.000 луѓе по неуспешниот пуч.


Слично

Поврзани вести