Ердоган мета на критики за неговата изјава за експлозијата во рудникот: Смртта на 41 рудар ја нарече „судбина“
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се најде на удар на критики откако смртта на 41 рудар во експлозија во рудник ја нарече „судбина“, велејќи дека такви несреќи секогаш ќе се случуваат.
- Ние сме народ кој верува во планот на судбината. Вакви несреќи секогаш ќе се случуваат, тоа мора да го знаеме – изјави Ердоган на новинарите.
Оваа изјава предизвика протести во Истанбул, а некои оваа несреќа ја опишуваат како „масакр“, пренесува Би-би-си.
Лидерот на опозицијата праша зошто несреќи во рудници се случуваат само во Турција, а некои посочија дека тоа не е несреќа бидејќи рударите биле испратени стотици метри под земја без соодветни мерки на претпазливост и создавање безбедни услови.
Во несреќата загинаа 41 рудар, а повредени се 28 лица. Официјалната причина за експлозијата не е позната. Властите соопштија дека турското обвинителство покренало истрага за причините за експлозијата и дека прелиминарните резултати покажуваат дека за трагедијата е виновна мешавина од запалив гас.
