ЕПИДЕМИЈА ВО МАРИУПОЛ - можни се илјадници жртви од инфекција, предупредува градоначалникот
Во Мариупол избувна епидемија на колера и дизентерија, изјави градоначалникот Вадим Бојченко и предупреди дека илјадници луѓе би можеле да заболат од колера и други смртоносни болести додека има тела на улица, а летото носи потопло време.
Бојченко тврди дека бунарите се загадени со телата на загинатите за време на неколкунеделното руско бомбардирање и опсада и оти руските сили бавно ги собираат телата.
- Има епидемија на дизентерија и колера - рече Бојченко, додавајќи дека проценката на украинските лекари е дека со избивањето на инфекцијата ќе умрат уште илјадници граѓани на Мариупол, пренесува „Н1“.
Тој ги повика Обединетите нации и Меѓународниот комитет на Црвениот крст да формираат хуманитарен коридор кој ќе им помогне на граѓаните да го напуштат градот.
